МВР: Му наместиле бомба во автомобил на Бит Пазар
Полицијата објави дека во раните утрински часови денес, во возилото „Фиат“ на сопственикот Е.Р. кај Бит Пазар во Скопје е пронајдена бомба М75. Според полициското соопштение, сопственикот моментално се наоѓа во Италија, каде добил заканувачка порака за поставување бомба.
„Денес (06.11.2025) во 02:41 часот во СВР Скопје е пријавено дека околу 01:00 часот едно лице влегло во гаражата на семејната куќа на Е.Р., во населбата Бит Пазар, кој моментално се наоѓа во Италија. Малку подоцна, сопственикот добил заканувачка порака и известување дека во неговото возило е поставена бомба. Полицијата излегла на местото на настанот и по преземените мерки, во неговото возило „Фиат“ со скопски регистарски ознаки е пронајдена бомба М75, врзана со жица за рачката на вратата од возилото.
Исто така, извршен е претрес на друго возило „Фиат“ со италијански регистарски ознаки, сопственост на неговиот брат, А.Е., кој исто така живее и работи во Италија, каде во багажникот е пронајдена кутија со 100 патрони за автоматско оружје калибар 7,62 мм“, известуваат МВР.
