МВР ќе ја враќа довербата во Штип со маалски полицајци
МВР предводено од Оливер Спасовски како што беше најавено уште во кампањата за парламентарните избори започнува со спроведување на идејата за маалски полицајци позорникари кои треба да обезбедат како поголема сигурност, така и подобра комуникација со жителите и секако поголема доверба.
Маалските полицајци се враќаат на подрачјето на СВР Штип со цел да се зголеми безбедноста на граѓаните, рече министерот Оливер Спасовски по денешната посета на СВР Штип и ПС Кочани.
„Безбедносната состојба на подрачјето на СВР Штип е мирна и стабилна. Им дадов задача на началникот и неговите соработници да започнат со подготовка за реализирање на проектот за маалски полицаец и враќање на позорникарите на улиците на СВР Штип . Тоа ќе го направиме и во другите градови. Маалскиот полицаец е најдобар партнер со граѓаните и на тој начин заеднички ќе ја зголемиме безбедноста“, рече министерот Спасовски.
На средбите во СВР Штип и ПС Кочани се разговараше и за условите за работа на полицајците и проблемите со кои се соочуваат.
Министерот Спасовски оствари работни средби и со градоначалниците на Штип и Кочани, Благој Бочварски и Николчо Илијев.
“Соработката меѓу локалната самоуправа и секторите за внатрешни работи е многу важна ако сакаме да имаме безбедни градови“, рече министерот Спасовски.
Во наредниот период министерот Спасовски ќе ги посети и останатите сектори за внатрешни работи.
