МВРи и Обвинителството соопштија дека е поднесена кривична пријава за тешки дела против општата сигурност за 10 полициски службеници, од кои седум се новоосомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Шест се лишени од слобода, но по еден се трага. Од претходно тројца веќе се во притвор.
Обвинителството сепак за седуммината осомничени бара судот да им определи мерки на претпазливост. Останатите тројца осомничени се обезбедени со претходната постапка.
Сите десет полициски функционери придонеле Министерството за економија да биде известено дека дискотеката ги исполнува сите услови за јавен ред и мир. Кривичните пријави се против П.С. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место помошник началник во СВР Штип), Ј.Т. (во време на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор за сообраќајни работи во Одделение за полиција во СВР Штип), С.Д. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор за сообраќај во Одделение за полиција во СВР Штип), М.С. (во време на извршување на кривичното дело на работно место началник на одделение во Одделение за полиција во СВР Штип), Љ.Т. (во време на извршување на кривичното дело на работно место началник во СВР Штип), В.П. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор по сообраќајни работи во Одделение за полиција во СВР Штип), Д.А. (во време на извршување на кривичното дело самостоен инспектор за јавен ред и мир во СВР Штип), А.А. (во време на извршување на кривичното дело на работно место помошник началник на СВР Штип), В.И. (во време на извршување на кривичното дело на работно место документарист во ПС ОН Кочани во СВР Штип) и А.Т. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место командир на ПС ОН Кочани).
„Првопријавениот П.С. на 07.12.2012 потпишал акт и истиот го доставил до Министерство за економија со кој дал согласност дека кабаре „ПУЛС“ поседува елаборат за заштита од пожари и опасни и експлозивни материи и ги исполнува законските услови во делот на сообраќај со што придонел на правниот субјект ДПТТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани од страна на Министерството за економија да му биде издадена лиценца за вршење на угостителска дејност на кабаре “Пулс“ од 13.12.2012.
Второпријавениот Ј.Т. и третопријавениот С.Д. на 10.02.2018 доставиле мислења и не извршиле целосна проверка пред да ги изготват мислењата и согласноста, каде спротивно на член 6 став 3 од Законот за угостителска дејност констатирале дека кабаре „Пулс“, претставувано од ДПТТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај.
Четвртопријавениот М.С. и петтопријавениот Љ.Т. иако знаеле и биле должни да знаат дека кабаре „Пулс“, претставувано од ДПТТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани не ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и сообраќај, на 10.02.2018 и 24.01.2019 одобриле и потпишале известување до Министерството за економија во кое е констатирано дека се исполнети законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и сообраќај.
Шестопријавениот В.П. на 24.01.2019 и 21.01.2022 изготвил акт до Министерството за економија со кој доставил известување и констатирал дека кабаре „Пулс“ ги исполнува законските услови во делот на сообраќај на начин што не ги извршил потребните проверки со кои би утврдил дека не се исполнети законските услови за давање на согласност во делот од сообраќајот.
Седмопријавениот Д.А. на 21.01.2022 изготвил акт со кој на ДППТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани – кабаре „Пулс“ му издава согласност за вршење на угостителска дејност и истото го доставил до Министерство за економија, спротивно на член 6 став 3 од Законот за угостителска дејност. Иако знаел дека во кабаре „Пулс“ имало нарушувања на јавниот ред и мир, не извршил никакви проверки, туку се повикал на одговорот од ОВР Кочани во однос на нарушувањата на јавниот ред и мир, во кој пак не била правилно отсликана вистинската фактичка состојба, по што констатирал дека кабаре „Пулс“ ги исполнува законските услови во делот на јавен ред и мир и сообраќај.
Осмопријавениот А.А. и второпријавениот Ј.Т. на 21.01.2022 одобриле и потпишале известување до Министерството за економија, во кое е констатирано дека се исполнети законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и сообраќај.
Деветтопријавениот В.И. на 21.01.2022 изготвил телеграма во која наместо да даде точни и целосни податоци дека во кабаре „Пулс“ и во близина на истото кабаре има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела, истиот дал податоци само дека во кабарето, односно во правното лице ДПТТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани во 2021 година имало едно нарушување на јавниот ред и мир, а истиот иако знаел дека има нарушувања на јавниот ред и мир и пријавени кривични дела во 2019 и 2020 година, не дал никакви податоци за истите.
Десеттопријавениот А.Т. иако знаел и бил должен да знае дека има повеќе пријавени нарушувања на јавниот ред и мир во близина на кабаре „Пулс“, истиот вака изготвената телеграма ја контролирал, одобрил и потпишал со своерачен потпис“, објаснува детално МВР.
Со тоа овие полициски функционери овозможиле ДПТТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани да се стекне со лиценца за вршење на угостителска дејност – кабаре „Пулс“ во Кочани иако постапиле според прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна проверка пред да биде издадена позитивната согласност за издавање на лиценца за кабаре.
Обвинителството истовремено, паралелно со соопштението на МВР, информира дека десетте полициски службеници делата ги извршувале во временскиот период од 07.12.2012 година до 21.01.2022 година, иако дискотеката не ги исполнувала законските услови за работа.
„Според описот содржан во наредбата за спроведување истражна постапка, осомничените како службени лица вработени во СВР Штип и ПС ОН Кочани, во погоренаведениот временски период, како соизвршители, не постапиле според прописите за мерките за заштита – не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за издавање лиценца за Кабаре „ПУЛС“, во делот на безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир. Со издавањето на согласностите сите заедно му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност, иако истото не ги исполнувало предвидените услови“, соопшти ОЈО.
Специјализираното одделение на Обвинителството додава дека продолжува со предистражни дејствија во насока на откривање на нови лица инволвирани во случајот.