МВР го ажурираше правилникот за службениот изглед на униформираните полициски службеници
Униформираните полициски службеници во Македонија ќе можат да носат кратка и уредно одржувана брада, како и одредени видливи тетоважи, согласно новите измени во правилникот на Министерството за внатрешни работи.
Со измените се прави отстапување од досегашните построги правила за личниот изглед, но се задржуваат критериумите за професионалност, уредност и достоинствено претставување на полициската служба.
Новите правила произлегуваат од правилник донесен на 4 мај 2026 година, а дополнителните измени поврзани со изгледот на полицајците биле разгледани по иницијатива на Гранскиот независен синдикат на полицијата. Прифатените измени се применуваат од 1 јуни 2026 година.
Според правилата, брадата кај полициските службеници треба да биде кратка, обликувана и редовно одржувана. Таа треба да биде во склад со службениот изглед и да овозможува непречено користење на службената и заштитната опрема, вклучително и заштитни маски.
Во правилникот останува и обврската за уредна фризура. Кај униформираните службеници косата треба да биде потстрижена така што нема да ги покрива ушите и нема да паѓа под јаката на униформата.
Промени има и во делот на тетоважите. Дозволени ќе бидат само тетоважи кои немаат навредлива, расистичка, вулгарна или друга несоодветна содржина. Видливи тетоважи ќе бидат дозволени единствено на рацете, додека тетоважите на други делови од телото треба да бидат покриени со униформата.
Со новите одредби се уредува и носењето накит. На полициските службеници ќе им биде дозволено да носат еден прстен. Мустаќите, доколку ги имаат, треба да бидат уредни и да не ја преминуваат линијата на горната усна.
Од синдикатот оценуваат дека измените се чекор кон усогласување на правилата со современите стандарди, при што се зачувуваат дисциплината, службениот ред и професионалниот изглед на полицијата.
