Економија, финансии, бизнис

Контакт

МВР ДЕМАНТИРА ДЕКА ВО ПРИФАТНИОТ ЦЕНТАР ВО ГАЗИ БАБА ЌЕ СЕ СМЕСТУВААТ БЕГАЛЦИ ОД АВГАНИСТАН - Прифатниот центар нема и нема да има никаква врска со мигранти

МВР ДЕМАНТИРА ДЕКА ВО ПРИФАТНИОТ ЦЕНТАР ВО ГАЗИ БАБА ЌЕ СЕ СМЕСТУВААТ БЕГАЛЦИ ОД АВГАНИСТАН - Прифатниот центар нема и нема да има никаква врска со мигранти

Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира дезинформациите пласирани од одредени портали дека Прифатниот центар во Гази Баба ќе се користи за сместување на бегалците од Авганистан, и дека министерот Спасовски тоа го потврдил. Тоа е апсолутно лажна вест!

Ова стои во демантот од Министерството за внатрешни работи, откако утрово министерот Спасовски преку фејсбук информоираше дека „Прифатниот центар за странци Гази Баба е формиран и функционира согласно Законот за странци и е наменет за привремено задржување на странци во случаи кога се исполнети условите содржани во одредбите на Законот за странци, односно за сместување на странци кои не можат да се отстранат од територијата на државата во рок од 24 часа, од кои било причини, па се сместуваат во него во период од неколку дена, додека да се создадат услови да биде отстранет од државата“.

Според демантот од МВР, користениот статус на министерот Спасовски е во контекст на вчера објавената тема на Македонската информативна агенција - МИА во врска со новиот објект на Прифатниот центар за странци, кој по препораките на бројни меѓународни организации задолжени за заштита на човековите права и од Народниот правобранител како Национален превентивен механизам, поради субстандардните услови, треба да се дислоцира од Гази Баба на неколку километри од Бардовци.

„МВР скоро секојдневно ја објавува точната и прецизна информација дека Прифатниот центар за странци, кој функционира непрекинато цели 20 години, нема и нема да има никаква врска со мигранти, како што одредени медиуми сакаат ја дезинформираат јавноста, пласирајќи лажни вести.

Центарот за странци е формиран и функционира согласно Законот за странци и наменет е за привремено задржување на странци кои не можат да се отстранат од територијата на државата во рок од 24 часа, од кои било причини, па се сместуваат во него во период од неколку дена, додека да се создадат услови да биде отстранет од државата. Најчесто станува збор за сезонски работници на кои им истекла дозволата за работа/престој, забавувачи во угостителските објекти без пријавен престој во државата, лица кои се затекнале тука без документ за идентификација и сл.

Што се однесува до привременото прифаќање граѓани од Авганистан, како што веќе информираше Владата на Република Северна Македонија, во овој момент се работи на координација и утврдување детали за преземање шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеа на одржувањето на мирот во Авганистан.

Владата работи на обезбедување сместувачки капацитети во мотели, одморалишта и хотели, за што трошоците ќе бидат обезбедени од страна на меѓународните организации, како и од Соединетите Американски Држави. Сместувањето и преземањето на локалното население ќе биде со ограничен временски период, сѐ до обезбедување нивни трансфер до САД или до трети земји, што ќе биде утврдено во координација со нашите стратешки партнери и со меѓународните организации.

Објавените текстови кои изнесуваат лажни вести и дезинформации кои можат да доведат до забуна во јавноста, штетат на општеството и создаваат паника кај граѓаните. Затоа, Министерството за внатрешни работи согласно законот, бара веднаш да биде објавен овој демант заедно со извинување до граѓаните, и да бидат повлечени невистинитите текстови, во спротивно ќе ги користи сите законски расположиви средства кои стојат на располагање“, се вели во демантот од МВР.

Денеска и Фактор објави текст со содржина дека во Прифатниот центар во Гази Баба ќе се сместува цивилно население од Авганистан. Информацијата ја пренесовме после постот на министерот Спасовски, а поради актуелниот контекст и кризата во Авганистан, се доби впечаток дека овде ќе бидат привремено и бегалците од оваа земја.

Фактор и се извинува на јавноста и на МВР, и укажуваме дека воопшто немавме намера да објавиме лажна и тенденциозна вест. 

Слично

Поврзани вести