МВР чека судско барање за да го бара осуденикот Спасов
Министерство за внатрешни работи се уште не го бара Игор Спасов, осудениот за убиството на Мартин Нешковски, иако тој не се појавил во затворот во Идризово дента кога имал обврска да го стори тоа. Од МВР за Фактор велат дека не постапувале досега затоа што до нив не стасало барање од Судот, но кога ќе го добијат ќе реагираат. Тврдат дека веднаш ќе се одговори на барањето, какво и да е.
Се отвора прашањето, сепак, дали институциите често затајуваат во вакви случаи. Кој дозволува затвореници да не ги издржуваат затворските казни и дали навистина Спасов беше болен една година колку што не се појави во Идризово. Јавноста прашува кој во Судот и со какви образложенија дозволува продолжување на прекинот на издржувањето на казната.
Фактор во јули годинава објави дека осудениот за убиството на Нешковски, Игор Спасов не е в затвор веќе една година затоа што се лекува. Информацијата тогаш ја потврдија од Управата за извршување на санкции од каде информираа дека Судот му го продолжувал прекинот на одлежувањето на затворската казна во неколку наврати.
Сега истиот Суд треба да постапи и да побара МВР да го најде Спасов, оти и покрај тоа што требало уште пред една недела односно во петокот тој не се јавил во затворот во Идризово. Од управата на затворот тврдат дека тие го информирале судот, но дека се уште не е остапено.
Спасов е осуден на 14 години затвор за убиство на Мартин Нешкоски за време на прославата на ВМРО-ДПМНЕ по изборите во 2011 година.
Во мај годинава во дел од медиумите се појави информација дека е забележан во кафуле во Скопје.
