Економија, финансии, бизнис

Контакт

Музичари од Македонија, Грција и Бугарија направија вистински спектакл со „Кармина Бурана“ во Градскиот парк

Музичари од Македонија, Грција и Бугарија направија вистински спектакл со „Кармина Бурана“ во Градскиот парк

Скопје вчера беше епицентарот на класичната музика на Балканот. Занемарувајќи ги сите политички несогласувања и препирки, музичарите од Македонската филхармонија, заедно со своите колеги од Грција и Бугарија, приредија незаборавен спектакл во Градскиот парк.

Настанот беше поддржан од Министерството за култура и туризам, а атмосферата беше на исклучително високо ниво.

Изведбата ја проследија стотици посетители кои одлучија својата саботна вечер да ја поминат на едно несекојдневно музичко доживување, следејќи ја сценската кантата „Кармина Бурана“ од германскиот композитор Карл Орф, дело кое премиерно било изведено во 1937 година.

Сцената во Градскиот парк беше исполнета со повеќе од 200 музичари и хористи кои со својот талент и енергија создадоа вистински музички спектакл и ги воодушевија присутните.

Под диригентската палка на Најден Тодоров од Бугарија настапија Хорот на Македонската опера и балет, Детскиот хор „Пиколо“ и Хорот на музичкото училиште од Солун. Импресивниот состав создаде моќна звучна слика што го исполни паркот и остави силен впечаток кај публиката.

Временските услови беа идеални за ваков настан – топла летна вечер без ветер им овозможи на илјадниците посетители целосно да уживаат во концертот. Паркот беше преполн со луѓе кои внимателно го следеа секој момент од изведбата, а посебна магија внесоа настапите на солистите.

Публиката со воодушевување ги слушаше ариите на сопранот Ана Дурловски, тенорот Николас Спанос од Грција и баритонот Иво Јорданов од Бугарија, чии изведби дополнително ја збогатија оваа незаборавна музичка вечер.

 

Извор: Женски магазин/Ј.Т.

Фото:Вангел Тануровски


Слично

Поврзани вести