Економија, финансии, бизнис

Контакт

МУРТЕЗАНИ СЕ СЕЛИ ВО БРИСЕЛ: Владата утврди девет нови дипломатски имиња

МУРТЕЗАНИ СЕ СЕЛИ ВО БРИСЕЛ: Владата утврди девет нови дипломатски имиња

Поранешниот министер за европски прашања Орхан Муртезани е предложен за нов македонски амбасадор во седиштето на НАТО во Брисел, пренесува Сител. Неговото име е меѓу деветтемина нови амбасадори чии предлози биле разгледани и усвоени на денешната владина седница.

Според истите информации, за амбасадор во Лондон е предложена Илина Мангова, која има долгогодишно искуство во невладиниот сектор и била дел од раководството на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

Меѓу предложените имиња е и Линда Салиеска Иљазоска, дипломат од кариера со речиси две децении искуство во Министерството за надворешни работи, која по завршување на процедурите треба да замине како амбасадор во Хаг.

Останатите предложени кандидати се дипломати од кариера со повеќегодишно искуство во дипломатската служба. Согласно законската процедура, сите деветмина кандидати ќе треба да ги презентираат своите програми пред собраниската Комисија за надворешна политика, по што Гордана Сиљановска-Давкова ќе ги потпише указите за нивно упатување во мисија. Според информациите, списокот е веќе усогласен меѓу Кабинетот на претседателката, Министерството за надворешни работи и Владата.

Покрај амбасадорските позиции, Владата именувала и двајца нови раководители на конзулати во Мелбурн и Солун.

Од претходно се познати и имињата на Веле Трпевски за Тирана, Андријана Цветковиќ за Токио, Димитар Блажевски за Киев и Фадиљ Зендели за Копенхаген, кои исто така треба да ги поминат собраниските процедури.

Со комплетирање на овие именувања, бројот на дипломати испратени во мандатот на министерот Тимчо Муцунски ќе достигне 18. Според официјалните податоци, над 60 проценти од нив се дипломати од кариера, што е во согласност со законските одредби за професионализација на дипломатската мрежа.


Слично

Поврзани вести