Мухамед Зеќири пред Апелација: Нема да бегам, имам четири деца
Мухамед Зеќири, поранешниот генерален секретар, денеска пред Апелацискиот суд побара да му биде укинат притворот и да се брани од слобода во случајот со преплатеност на физибилити студија за приватизација на Ад Пошта. Ккао аргумент тој го посочи сознанието дека е под истрага цела година и дека ако сакал можел за тоа време да избега.
Пријатели на Зеќири заложиле имот како гаранција дека тој нема да избега, а според Обвинителството тоа не е доволно во однос на материјалната штета што ја предизвикал поранешниот владин генсек. Апелационите судии имаат 24 часа да донесат одлука дали Зеќири по скоро два месеци, ќе го напушти истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.
„Сакам да напоменам дека од предистражната постапка јас бев во тек поради функцијата која ја вршев. Јас потпишав да се дадат сите документи кои ги побарале од мене, било експедитивно процесуирано. Да сум сакал да бегам, сум имал простор повеќе од една година бидејќи знаев дека се води постапка. Кога беше првиотпат предложена мерката притвор, поднесов оставка, за да не ја попречувам истрагата која се води против мене. Не размислувам ниту имам зошто да бегам. Фамилијарен човек сум, се грижам за четири деца, имам две од првиот брак и имам двегодишна ќерка и посинокот на мојата сопруга кој е малолетен.
Во однос на родителите на сопругата кои живеат во Гермаија, сакам да посочам дека тие сега живеат во Македонија, имаат регулиран престој. Тие живеат заедно со нас. Никој околности, немам намера, ниту имам зошто да бегам. Сакам во фер постапка да докажам дека сум невин во постапка“, кажа Зеќири пред судот.
Обвинителството останува на ставот дека Зеќири од слобода може да го попречува процесот и дека може да ја искористи можноста за бегство, бидејќи родителите на неговата сопруга живеат во Германија.
