Економија, финансии, бизнис

Контакт

Мухамед Зеќири: Додека бев во кабината слушнав како толпата ме бара и мене

Мухамед Зеќири: Додека бев во кабината слушнав како толпата ме бара и мене

Пратеникот Мухамед Зеќири сведочеше на денешното судско рочиште за нападот врз пратеникот од Алијансата за Албанците, Зијадин Села на 27 април лани и го препозна обвинетиот Александар Јаневски-Тошта.

Зеќири кажа дека Села го удриле со тврд предмет, но дека не можел да види кој го фрлил. Тој рече дека обвинетиот Јаневски, тој ден носел црн елек и очила, го повлекол Села за рака и го изнел надвор од прес-салата. 

Зеќири раскажа дека кога толпата влегла во прес-центарот во Собранието, тој бил во една од кабините за превод во галеријата и дека откако Села го изнеле од прес-салата, веќе не го видел. Зеќири посочи дека дел од пратениците кои го виделе Села, мислеле дека станува збор за него, затоа што и двајцата имаат иста долга коса. 

„Од колешка новинарка на мојот мобилен телефон добив порака дали е точно дека Села е мртов. Јас и одговорив дека не знам“- вели Зеќири.

Зеќири рече и дека од кабината каде бил, слушнал како толпата го бара и него.

„Јас лично не бев нападнат бидејќи толпата не стигна до мене“- изјави Зеќири, додавајќи дека бил во галеријата додека не почнала евакуацијата.

Го посочи и обвинетиот Сашо Сенков, за кого наведе дека откако првиот го фатил за рака, му се доближил заедно со други лица со цел да го изнесат надвор од прес-центарот.

Претходно, денеска сведочеше и Абдулфетах Аљими, како сведок на обвинителството. Тој препозна двајца од обвинетите - Александар Јаневски - Тошта и Кире Георгиевски.

Слично

Поврзани вести