Муцунски: Забраната од САД е „пауза“ само за иселенички визи, бизнисмени и студенти можат да одат слободно
Американскиот Стејт департмент соопшти дека од 21 јануари ќе ја суспендира обработката на имигрантски визи за државјани од 75 земји, меѓу кои Авганистан, Иран, Русија, Сомалија и Македонија. Одлуката е дел од директивата на администрацијата на претседателот Доналд Трамп за спречување на имигранти кои би можеле да станат „јавен товар“ за државата.
Министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски денес пред новинарите рече дека станува збор за мерка само за иселеничките визи.
- Се работи за пауза за постапки поврзани со иселенички визи.Тоа не е прекин или „црна листа“, туку пауза само за иселенички визи. Тоа не влијае на сите други постапки за визи, рече Муцунски.
Тој додаде дека бизнисмени или студенти ќе може слободно понатаму да аплицираат.
- Може да патувате и туристички.Таму сега ќе се игра Светското првенство во фудбал. Оваа одлука нема никаква врска со тоа,додаде шефот на македонската дипломатија.
Според Муцунски, аплицирањето за иселенички вози е процентуално најмало од Македонија и за тоа аплицираат повозрасна група на граѓани, но рече дека се водат разговори со Вашингтон и со Амбасадата на САД во Скопје за да се изнајде некое соодветно решение.
