Муцунски: Сите чинители во Бугарија велат дека се работи за истиот предлог со семантички измени
Ова е истиот предлог, ако се прифати ќе биде национална катастрофа за Македонија и македонскиот идентитет, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во „Тема на денот” во дневникот на Сител. Кажа дека ова е истиот предлог од пред две недели.
Муцунски истакна дека таа слика која ја видовме денес во владата фигуративно беше слика на гробарите на македонскиот идентитет. Наведе и дека амбасадор на земја членка на ЕУ денеска јавно кажа дека се работи за истиот предлог.
„Сите чинители во Бугарија велат дека се работи за истиот предлог со семантички измени. Сега не стои протокол туку е дефиниран како годишни прегледи и мерки. Првата дезинформација и лага е дека се работи за различен предлог, ова е истиот предлог кој пред две недели беше одбиен“, рече тој.
Кажа дека овие денови ќе бидат запаметени како едни од најсрамните за македонската нација.
