Муцунски претстави стратегија: Дијаспората не ја гледаме како „замината“, туку како мостови, амбасадори и партнери
Македонскиот шеф на дипломатијата, Тимчо Муцунски утрово во Владата го претстави предлог-текстот на „Националната стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030“, петгодишен план за унапредување на соработката со дијаспората, иселениците и припадниците на македонското национално малцинство.
„Денес почнуваме ново поглавје – поглавје на доверба, партнерство и заеднички успеси. Ја претставуваме нашата обврска, нашата зрелост и нашата одлучност како држава – конечно, вистински, системски и долгорочно да им се посветиме на нашите луѓе надвор од границите“, вели Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
Тој наведе дека ова не е стратегија напишана зад затворени врати, туку во партнерство со институциите, експертите, организациите, професионалците и, најважно, со самата дијаспора.
„Ова е важен документ што значи дека државата се менува кон модерна, дигитална, достапна и доверлива администрација – дека создава систем, а не импровизација; партнерство, а не протокол; долгорочна визија, а не ад-хок мерки“, вели Муцински.
Преку оваа Стратегија како што рече покажуваме дека дијаспората не ја гледаме како „замината“, туку како мостови, амбасадори и партнери.
фото Фејсбук/Тимчо Муцунски
