Муцунски и новата министерка за надворешни работи на Бугарија договорија прва официјална средба
Извори од македонското МНР велат дека утре попладне на маргините на Самитот на министрите за надворешни работи на НАТО, во шведскиот град Хелсинбург., министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски ќе ја одржи првата официјална средба со новата шефица на бугарската дипломатија Велислава Петрова - Чамова.
Средбата е на покана на македонскиот министер и доаѓа една недела по изјавата на Чамова која го употреби терминот „северномакедонски“ за македонските претставници, а македонското МНР возврати со устен демарш за бугарскиот амбасадор во Скопје Жељазко Радуков.
Според аналитичарите, средбата несомнено е голем чекор напред за односите, но не треба да се очекуваат чуда. Бугарската министерка на средбата доаѓа со старите цврсти позиции, ако се суди според последните искажани ставови на Петрова кои беа пренесени од бугарските медиуми.
