Тимчо Муцунски бара извинување од СДСМ или во спротивно најавува тужба, откако опозициската партија објави дека наводно блиска фирма на министерот за надворешни работи ќе гради настрешница на зградата на МНР за 550.000 евра.
„Станува збор за лажни тврдења, кои не соодветствуваат со фактичката состојба. Проектот за кровната конструкција е тековно одржување на објектот на Министерството, со единствена цел превенција од натамошни оштетувања и поплавување – проблем што настана како резултат на несоодветното одржување на зградата во изминатите години, кога институцијата беше под раководство на ДУИ и СДСМ. Постапката за јавна набавка е спроведена целосно законски, транспарентно и во согласност со сите важечки правни процедури.
Дополнително, манипулативен и тенденциозен обид за политичка дискредитација претставува моето лично поврзување со одлуките на други правни субјекти, вклучително и органи на локалната самоуправа, што е неоснована и злонамерна конструкција.
Во таа насока, ја повикувам Богданка Кузеска и СДСМ во рок од 24 часа јавно да се извинат за ширењето лажни информации и грубо манипулирање со јавноста. Доколку тоа не се случи, ќе бидам принуден да преземам соодветни правни чекори, вклучително и граѓанска постапка за навреда, клевета и нарушување на угледот.
Како министер, останувам цврсто посветен на принципите на транспарентност, отчетност и законитост. Работењето на институциите мора да биде засновано на факти и докази, а граѓаните имаат право на вистински и проверени информации“,објави министерот.
Според достапните информации, Министерството за надворешни работи потпишало договор за изградба на челична настрешница во вредност од речиси 550.000 евра, објави претходно СДСМ. Како што нагласуваат оттаму, скандалот е уште поголем затоа што и овој случај е дел од тендерската мрежа на ДПМНЕ.
„Со ова, Муцунски ја означи новата ера на кражби од проектот Скопје 2014 на ВМРО-ДПМНЕ кој светските медиуми го нарекоа „најголемиот коруптивен проект во Европа“, велат од опозициската партија.
Договорот за настрешницата е склучен со градежната компанија „Пирамид билдинг солушнс“, која била единствен понудувач на тендерот. Оваа компанија има долга историја на односи со Муцунски. Фирмата добила дури 11 тендери во Аеродром вредни 2 милиони евра. Додека тој бил градоначалник на Општина Аеродром, истата компанија добила договор вреден 335.000 евра за хигиенски и комунални услуги“, објаснуваат претходно од СДСМ.