Економија, финансии, бизнис

Контакт

Муцунски и Силјановска Давкова се сретнаа со иселениците во Дубаи

Муцунски и Силјановска Давкова се сретнаа со иселениците во Дубаи

Министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и претседателката Гордана Силјановска Давкова за време на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи остварија средба со македонски граѓани кои живеат и работат во Обединетите Арапски Емирати.

„Разговаравме за нивниот професионален ангажман и искуствата од животот во оваа држава. Посебно ме радува нивната успешна интегрираност во овдешното општество и нивното присуство на одговорни и значајни позиции. Тие се мост за соработка на економски и трговски план, но и во сите други општествени сфери. Наша задача е да овозможиме услови за искористување на потенцијалите што тие ги имаат.

Идеите што ги чув на средбата се уште една потврда за знаењето и посветеноста на македонските граѓани, каде и да живеат и работат“, објави претседателката Силјановска Давкова.

Муцунски наведе дека Македонците во дијаспората претставуваат важен мост меѓу матичната држава и земјите во кои живеат и работат, особено во економската и трговската сфера.

„Заедно со претседателката Гордана Силјановска - Давкова, денеска во Дубаи остваривме средба со Македонци кои живеат и работат во Обединетите Арапски Емирати – успешни професионалци кои со своето знаење и искуство даваат значаен придонес за локалната економија.

Разговаравме за потенцијалот за продлабочување на соработката меѓу двете држави, со фокус на економијата и трговијата, како и за улогата на дијаспората во овој процес.

Ги запознав со активностите на Владата и Министерството поврзани со дијаспората, вклучително и со Стратегијата за унапредување на соработката со дијаспората, која е во завршна фаза, како и со можностите за нивно поактивно вклучување во развојните и економските иницијативи во државата“, напиша Муцунски.


Слично

Поврзани вести