МУЦУНСКИ ДО БУГАРСКАТА КОЛЕШКА: Kористењето на терминот ‘северномакедонски’ за означување на македонскиот народ е неточно
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски реагираше на изјавата на неговата бугарска колешка Весислава Петрова-Чамова, посочувајќи дека меѓу нив немало официјална билатерална средба, туку само кратка размена на зборови на маргините на настан.
„Во однос на изјавата на мојата нова бугарска колешка, Весислава Петрова Чамова, би сакал да појаснам дека денес немавме официјална билатерална средба. Имавме кратка размена на зборови на маргините на настан, во присуство на повеќе колеги. Ако едноминутен разговор се нарекува ‘средба’, тогаш денес навистина имавме многу ‘средби’“, напиша Муцунски.
Тој реагираше и на користењето на терминот „северномакедонски“ за македонскиот народ, оценувајќи дека таквиот израз е неточен и несоодветен.
„Би сакал да потсетам дека користењето на терминот ‘северномакедонски’ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно. Македонците се Македонци. Ова не е прашање на политика, туку на основно почитување на идентитетот и достоинството на еден народ“, рече министерот.
Муцунски додаде дека во дипломатијата прецизноста е важна и претставува одраз на почит.
Министерот посочи дека се надева оти наскоро ќе има официјална средба со бугарската министерка.
фото Фејсбук/Тимчо Муцунски
