Муцунски: Ако не се превземе нешто со уличните кучиња, нема да даваме повеќе пари за „Лајка“
Градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, го повика Град Скопје посериозно да се справи со глутниците на кучиња, по објавеното вознемирувачко видео како чопор го напаѓа домашниот миленик на граѓанин од оваа општина.
Муцунски порача дека Опшштина Аеродром во спротивно ќе го преиспита учеството со финансиски средства за работењето на јавното претпријатие „Лајка“.
„Градот Скопје и градското претпријатие „Лајка“ немаат стратегија за справување со уличните кучиња, за што говори и последното видео кое во текот на вчерашниот ден беше објавено во дел од медиумите.
Ние, како локална самоуправа во изминатиот период одвојуваме значителни средства од сопствениот буџет кои се префрлаат во буџетот на Градот Скопје, со цел ефикасно справување со овој проблем. Во неколку наврати, од моја страна е побарано градската администрација да преземе мерки за решавање на овој проблем. За жал, секојдневните коментари, фотографии и снимки од теренот покажуваат дека тие не успеваат да најдат решение за овој проблем кој целосно е во нивна надлежност.
Јас и понатаму стојам на ставот дека неопходно е градот да изнајде соодветно решение за третирање на уличните кучиња и тоа мора да се направи веднаш. Доколку актуелното раководство на Град Скопје во следниот период не успее да изнајде решение, Општина Аеродром ќе ја преиспита одлуката со која се одвојуваат средства за оваа намена“, соопшти градоначалникот.
Овој проблем, според Муцунски, секојдневно ескалира во неговата општина.
