МУ ВПЕРИЛ ПЛАСТИЧЕН ПИШТОЛ: Ученик во велешко училиште со лисици врзал соученик
Ученик во велешко училиште со лисици врзал соученик и му вперил пластичен пиштол.
Oд Основното општинско училиште во Велес денеска во десет часот пријавиле во полиција дека малолетен ученик во училиштето врзал со лисици негов соученик и му вперил пластичен пиштол. За настанот е известен јавен обвинител, Центарот за социјални работи Велес и по целосно документирање на настанот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Како што кажа директорот на училиштето „Васил Главинов“, Драги Коцевски ученикот учи во шесто одделение. Тој денеска дошол во училиштето со лисици и пиштол. Ги внел во класот и успеал на училишниот одмор да ги употреби. Со лисиците врзал соученик и му го вперил пластичниот пиштол. Тоа создало паника кај останатите соученици, но и кај дежурниот наставник за време на одморот кој веднаш го информирал директорот и класниот раководител.
„Детето го фрли пиштолот и избега од училиште. Замина дома. Пријавувањето на случката во полиција беше причина што во училишниот двор веднаш пристигнаа полициски службеници. Јас ги повикав неговите родители и службите ја започнаа постапката. Тие се надлежни за нејзино расчистување“, појасни Коцевски.
Пиштолот е даден на вештачење.
Лани во декември ученик во Велес претепа свој соученик, по што детето заврши во болница.
