Му плетат ли партиите партиска облека на Државниот ревизор?
Кој ќе седне на челното столче во Државниот завод за ревизија, по речиси две години обезглавеност на клучната институција што го контролира трошењето на народните пари. Повеќе кандидати се пријавени, од кои половината се кадар од внатре од заводот, но дали изборот ќе се направи до крајниот рок, 4 октомври, кога завршува мандатот и на заменикот во ДЗР. Доколку дотогаш не се назначи главен ревизор, институцијата ќе биде комплетно блокирана, нема да може да објавува извештаи, па дури и вработените нема да можат да земаат плата. Клучното прашање што се поставува е дали ќе се избере компетентен прв човек, или, пак, партиите ќе притискаат за свои решенија, сакајќи да воспостават влијание во оваа значајна институција.
Собраниската комисија за избори и именувања вчера повторно беше одложена и презакажана за утре, овој пат на барање на пратеникот Крсто Мукоски од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, кој побара правилна распределба на местата во оваа комисија, но и во другите собраниски тела.
Засега нема договор меѓу партиите за челната ревизорска позиција.
Претседателот на комисијата Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ за Фактор вели дека апелирал до координаторите на пратеничките групи да договорат меѓу себе најдобро кадровско решение од пријавените кандидати, односно тој да биде заеднички предлог на сите партии, со оглед што, како што вели, не е јасно мнозинството во собраниската Комисија за избори и именувања. Смета дека партиите имаат време да разговараат и да изнедрат најдобар кандидат, бидејќи од пријавените, според него, има навистина квалитетни кадри. Но, не е сигурен дали разговори воопшто ќе има и дали и доколку ги има, ќе завршат со успех.
„Доколку тоа не се случи, јас во петок ќе ја терам постапката формално-правно, па што биде, нека биде“, вели Димовски.
Од СДСМ, пак, сметаат дека не може и не смее да се прејудицира кој од пратениците како ќе гласа на собраниската комисија.
„Зошто било кој член од било која политичка партија не би гласал за одреден кандидат доколку тој е квалитетн и може најдобро да одговори на висината на задачата“, велат извори од партијата.
Од владејачката партија сметаат дека сега фокус треба да се стави на барањето на пратеникот Мукоски кое е легитимно, и во тој дел очекуваат разумна реакција од ВМРО-ДПМНЕ, а не како што велат, да се прават политички пазарења.
Димовски побара од координаторите на пратеничките групи да се состанат до петок и да направат прераспределба на пратениците, но укажа и дека пратениците треба да имаат поголемо разбирање и да се овозможи и во такви услови Собранието да функционира.
Според извори од СДСМ, во партијата не се оптоварени околу изборот на ревизорот, туку клучна цел е тоа да биде професионален, квалитетен и компетентен кадар, кој стручно и професионално ќе ја води институцијата.
А меѓу пријавените за главен контролор на дрѓавните трошења се јавиле Насер Адеми кој сега ја извршува функцијата Заменик главен државен ревизор, назначен од Собранието по предлог на ДУИ, Адем Цури – Директор во Ревизорско тело за ИПА фондови, назначен од Владата, Тања Тасевска која е државен советник во ДЗР, Наташа Ниневска, самостоен ревизор во ДЗР, претходно внатрешен ревизор во Агенција за разузнавање на РМ. Освен нив пријавени се и Максим Ацевски – помошник на главниот државен ревизор, Цвета Ристовска - помошник на главниот државен ревизор, Татјана Димитровска – виш ревизор, Милан Ракиќ – виш ревизор. На огласот се јавиле и Бранко Смилевски – раководител на ревизија, претходно внатрешен ревизор во Агенција за катастар на недвижности, Ване Цветанов – поранешен директор во Управата за спречување на перење пари и Наташа Поповска – дипломиран правник вработена во Секретаријатот за законодавство.
Р.Ф.
