МТСП му одговори на Митревски: Изнесените обвинувања се неосновани, неаргументирани и неточни
Министерството за труд и социјална политика реагира на прес-конференцијата на Живко Митревски, на која што тој обвини дека министерството направило обид за незаконска смена на раководството на ССМ.
Од МТСП велат дека изнесените обвинувања се неосновани, неаргументирани и неточни.
„Решението кое што МТСП го прогласи за ништовно е врз основа на член 124 од Законот за општа управна постапка, а не врз основа на Законот за работни односи, како што тврди Митревски. Претходниот министер Ибрахим Ибраими го поништил решението донесено од страна на поранешната министерка Фросина Ременски, а согласно споменатиот член 124 од ЗОУП, Министерството нема законски услови да го поништи тоа решение“ - наведуваат од МТСП.
Велат дека во списите на предметот нема релевантен доказ дека Живко Митревски е законски претседател на ССМ во моментот на поднесување на барањето за поништување на решението бр. 08-8191/2 од 14.11.2016 година, па од тие причини МТСП постапувало по барање од неовластено лице, што е дополнителна причина за ништовност на решението. Имено, согласно член 7 од Статутот на ССМ, претседателот се избира на Конгрес. Последниот 19-ти Конгрес на ССМ е одржан на ден 21.05.2015 година, а доставената одлука со која се тврди дека Ж. Митревски е избран за претседател на ССМ, бр. 0201-406/5 е со датум од 07.10.2015 година, 5 месеци по одржување на Конгресот.
„Ниту известувањата дадени од Претседателите на некои синдикати (СОБ, СРСВМ, СШДЕ, Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на РМ, СТКЧ, СХНМ, ГИФИК, ССРЕС, СПТРМ, СРТМ, СФМ, СТИП и МПС), не се доказ дека Живко Митревски е законски претседател на ССМ, бидејќи со изјава на поединец во форма на известување не може да се менува одлуката за отповикување на Ж. Митревски од функцијата претседател, донесена на седница на Совет одржана на 13.11.2016 година. Имајќи ги предвид овие факти, поткрепени со материјалните докази во списите по предметот, МТСП по службена должност оцени дека Решението на МТСП бр. 08-8191/10 од 29.16.2016 година со кое е поништено Решението бр. 08-8191/2 од 14.11.2016 година, Е НИШТОВНО и во смисла на членот 124 став (1) алинеја 4 од ЗОУП, бидејќи при неговото донесување погрешно е применето материјалното право“ - додаваат од МТСП:
Од тие причини, МТСП оценило дека се исполнети законските услови за огласување на ништовност на ова решение.
