Економија, финансии, бизнис

Контакт

МРЕЖАТА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА: Изјавата на Мицкоски претставува закана за основните човекови права

МРЕЖАТА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА: Изјавата на Мицкоски претставува закана за основните човекови права

Мрежата за заштита од дискриминација oстро реагира на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски кој размислува да воведе данок за оние кои не се во брак. 

На настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија – Развој на стратешки документи за демографска отпорност“, Мицкоски изјави дека се разгледува можноста за воведување дополнителни даноци за неженети и немажени лица. 

„Таквата изјава е длабоко загрижувачка и претставува закана за основните човекови права и принципите на еднаквост и слобода“, реагираат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Оттаму оценуваат дека ваквата најава односно идна мерка не само што би била ретроградна, туку е и дискриминаторска, бидејќи, како што наведуваат оттаму, ги крши човековите права односно правото на избор, правото на приватен и семеен живот и правото на планирање семејство, животен стил, семејна состојба и иднина.

„Оваа изјава го стигматизира секој кој не живее во брачна заедница – било од избор, било од околности. Ги удира младите, самохраните родители, ЛГБТИ+ лицата и оние кои се социјално и економски ранливи. Не придонесува кон развој на општеството, туку отвора врата за нови поделби, стигма и нееднаквост. Потсетуваме дека со член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот“, се наведува во реакцијата.

Како што се наведува, вонбрачната заедница е регулирана и заштитена со Уставот на Република Северна Македонија.

„Ваквиот предлог јасно кореспондира со идеите кои доаѓаат од авторитарни режими, кои преку ретроградни наративи имаат за цел насилно зголемување на наталитетот. Наместо казнување на личните избори преку даночен систем, потребни се политики кои ги поддржуваат младите семејства, достапни градинки, сигурно вработување, родова еднаквост и слободен избор на партнерство и родителство. Животниот стил не е основа за оданочување. Во демократска и современа држава, бракот треба да биде слободен избор, а не даночна обврска. Ја повикуваме Владата, како орган којшто е овластен предлагач на закони и политики, да се воздржи од иницијативи кои поттикнуваат дискриминација, а институциите – да застанат во одбрана на правата на сите граѓани, без разлика на нивниот брачен статус“, се наведува во реакцијата од Мрежата.

И од СДСМ реагираа дека се шокирани. 
фото Фејсбук/Христијан Мицкоски

Слично

Поврзани вести