Можни ли се злоупотреби со спорните гласачи во списокот?
30-те илјади гласачи кои беа поместени од главниот избирачки список пред парламентарните избори на 11-ти декември, сега веќе не се во фокусот на вниманието.
Веќе неколку дена партиите имаат можност да ја разгледаат состојбата во Избирачкиот список и да поднесат евентуални забелешки, но сепак за овој избирачки процес нема да се оспори правото на глас за околу 30 илјади гласачи, од кои повеќето со албанско етничко потекло кои се со работа и престој надвор од Македонија.
Пред ланските парламентарни избори, СДСМ побара бришење на овие гласачи, иако тие поседуваат лична карта, односно пасош, што според Изборниот законик, значи загарантирано право на глас. Причината која беше наведена тогаш е дека тогашната влада наводно го злоупотребувала нивното право на глас.
На прашање од Алсат, од ДУИ не одговорија дали би прифатиле повторно отстранување на овие гласачи, туку само нагласија дека се залагаат за прочистување на листата согласно законските процедури.
Според експертите, можноста за злоупотреба на овие гласови постои се уште, односно се додека избирачките процеси зависат од политиката, а не од законите.
Проблемот со гласачите кои живеат надвор од Македонија треба да се реши законски.
Инаку, Избирачкиот список и реформите во ДИК беа дел од точките за кои партиите се судрија во текот на преговорите во Пржино.
Извор: Алсат