МОЖНИ ЛИ СЕ КАРАНТИНИ ИЛИ ПОЛИЦИСКИ ЧАС - Комисијата досега не разговарала, но зависно од состојбата, ништо не е исклучено
Откако бројките на новозаразени се повеќе растат и секојдневно уриваат нови рекорди, кај граѓаните се поставува прашањето, можни ли се нови карантини или евентуално полициски час.
Како што е познато, бројката на новозаразени вчера се доближи до 600 граѓани, или точно 594 лица.
Повеќе граѓани го поставуваат прашањето дали се можни дополнителни мерки од оние кои се веќе во најава.
Тие кажаа дека ќе ја следат состојбата во текот на викендот, па доколку има потреба, в понеделник до Владата ќе предложат дополнителни рестриктивни мерки, кои ќе се однесуваат на ограничување на капацитетот до 50 проценти во јавниот превоз, целосна забрана за секакви настани и крај на работното време на сите економски оператори во 23 часот.
Додека, пак, првиот сет мерки, кој Комисијата за заразни болести го предложи минатата недела, ќе стапат во сила со изгласување на измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести во текот на претстојната недела во Собранието на пленарна седница. Мерките ќе бидат: задолжително носење маска и на отворено, забрана за групирање на повеќе од четири лица по 22.00 часот, забрана на семејни собири, односно примање на повеќе од четири гости.
Дали се можни плус од овие мерки Фактор праша кај еден од членовите на Комиијата за заразни болести. Тој вели дека досега за карантин и полициски час не се разговарало. Не му е познато дали тоа прашање ќе се отвори на утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести.
„Засега остануваме на ставот за оние мерки кои ги кажа претседателот на Комисијата, Жарко Караџоски, на последната пресконференција. Но, не знаеме како состојбата ќе се развива во следните денови, така што, ништо не е исклучено. Гледате како состојбата се менува, така што не е благодарно ништо однапред да се каже“, вели нашиот извор од Комисијата за заразни болести.
Н.Н.Ф.