Економија, финансии, бизнис

Контакт

МОЖЕН Е ШТРАЈК ВО ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО, ДУРИ ТОГАШ ТЕШКО НА ГРАЃАНИТЕ - УПОЗ ја передупредува Владата која бара намалување на платите за 21 отсто

МОЖЕН Е ШТРАЈК ВО ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО, ДУРИ ТОГАШ ТЕШКО НА ГРАЃАНИТЕ - УПОЗ ја передупредува Владата која бара намалување на платите за 21 отсто

Се поизвесно е дека вработените во Фондот за здравствено осигурување ќе стапат во генерален штрајк.

Ова го соопштија од УПОЗ, нагласувајќи дека синдикалната организација на ФЗО која дејствува во рамки на нивниот синдикат, во преговори со раководството на ФЗО и Управниот одбор на Фондот, на 25 јули лани постигнале договор за покачување на платите на вработените во ФЗО во висина од 15 отсто, во неколку фази, но ова зголемување се пролонгирало се до декември, кога за прв пат било исплатено на вработените, за вработените во ФЗО да можат да се усогласат со платите со сродните институции.

„И покрај постигнатиот договор, Владата на Р. С. Македонија, излегувајќи надвор од своите надлежности и спротивно на законските норми, на седница одржана на 09.01.2024 година, донела Заклучок со која му препорачува на Управниот одбор на ФЗОМ да ги намали платите на вработените и тоа во висина од 21 отсто“, соопштуваат од УПОЗ. 

Оттаму нагласуваат дека доколку Управниот одбор на ФЗО го испочитува ваквиот заклучок на Владата и ги намали платите на вработените, голем дел од вработените ќе ги доведе до состојба да имаат плата под минималната и не само што ќе го прекрши Законот за минимална плата, Општиот колективен договор за Јавен сектор и Законот за здравствено осигурување, туку сите членови на Управниот одбор ќе сносат и кривична одговорност. 

„Сакаме да нагласиме дека просечната бруто плата по вработен во ФЗО е пониска од сите сродни институции, министерствата и администрацијата во здравството и сите објаснувања кои ги дава Владата и Министерството за финансии дека не постојат средства за исплата на платите се нелогични бидејќи во Буџетот на ФЗО има резерва од 1,6 милијарди денари, што е повеќе од доволно за исплата на платите со договореното покачување од 15 отсто“, велат од УПОЗ и додаваат дека Буџетот на ФЗО е издвоен од Централниот буџет, средствата за плати не се предвидуваат од Централниот Буџет туку од Буџетот на ФЗО и никогаш до сега немало ваков проблем и вакво мешање во работата на ФЗО од страна на Владата и Министерството за финансии.

„Поради ваквата ситуација до која се донесени вработените во ФЗО, Синдикалната организацијаќе ја активира Одлуката за штрајк која е донесена на 16.11.2023 година, 

доколку на утрешната седница на Управниот одбор на ФЗО се донесе одлука со која ќе се намалат платите на вработените како што тоа го бара Владата и Министерство за финансии. Ги повикуваме членовите на Управниот одбор и Директорите на ФЗО да не ги доведат граѓаните во ситуација во која нема да можат да остварат ниту едно право од здравствено осигурување, бидејќи доколку започне штрајкот ниту еден вработен нема да извршува работни задачи по никоја цена“, се вели во соопштението кое пристигна од УПОЗ.

Слично

Поврзани вести