Економија, финансии, бизнис

Контакт

Може ли во Македонија да се живее од изнајмување на соби за туристи?

Може ли во Македонија да се живее од изнајмување на соби за туристи?

Во земјава е невозможно  цела година да се живее од изнајмување на соби за туристи, но може да се обезбеди дополнителен приход за потполнување на семејниот буџет кој од месец  до месец варира.

Ова го потврдуваат луѓето кои во повеќе туристички центри во Македонија издаваат соби за туристи. Дури и за  Охрид, луѓето велат дека е тешко да се живее од оваа дејност.  Гости имаат преку летото, за време на  празници, но во остатокот од годината просториите за туристи се празни.

„Не може од ова да се живее цела година. Повеќе од нас заработуваат луѓето кои издаваат апартмани, каде имаат подобри услови,  вложиле повеќе, а јас издавам три соби. Се случувало од 15 август цела недела да немаме туристи. По 20 август веќе луѓето полека си заминуваат и ги подготвуваат децата за на училиште. Имало случаи кога туристи ќе се јават, ќе резервираат и нема да дојдат, а нас собите ни стојат празни. Странците одат во хотели, а кај нас се претежно луѓето од Македонија кои сакаат да поминат поевтино. Во текот на месецот може да заработиме 55.000 денари на пример, но на тие пари се плаќа данок, за секој сместен човек се плаќа во општината, кога ќе се платат сметките за  вода, струја,  кога ќе се одбијат и други  трошоци, сепак не остануваат многу пари и со нив не може многу да се направи“ – вели Ана од Охрид.

Марија Николоска од Крушево потврдува исто дека од сместување на туристи не може да се живее, но во сезоната тоа е добар дополнителен приход.

„Досега не сме имале лошо искуство со туристите, но секој си има различни барања.  Туристи има најчесто во зимскиот период, а во другите годишни времиња послабо. Во најдобриот месец може да се заработи 300, 400 евра, а понекогаш и 500 евра, зависи колку соби си издал. Ова зборувам за јануари, Нова година, а  за другите месеци и 100 евра ако извадиш е добро“ – вели таа.

Беровчанец кој до неодамна издавал соби за туристи во самиот центар на градот, објаснува дека колку пари ќе заработи некој зависи од тоа колку добро ќе се организира и посвети на работата. Вели дека сепак оди тешко,  и се заработува минимално.

„Јас сум вработен, не сум целосно посветен на сместување на туристи, не сум се определил за тоа и во мојот случај излегуваше скоро како за џабе да ги издавам собите. Гости има за викенди, за празниците кои се во пролет и лето како 1 мај, 2 август. И сега има туристи, гледам дека доаѓаат во Берово, но јас полека се откажав од оваа работа“ – додава беровчанецот.

Стружани велат дека кај нив сезоната трае од 15 јули до 15 август, при што странците се сместуваат во хотели, а домашните туристи се нивен таргет.

„Во хотелите доаѓаат Холанѓани, за нив цените се прифатливи, дури и смешни, но во приватно сместување странци нема“ – вели стружанка.

Велат дека во некои населби како Радожда и Езерски лојза луѓето повеќе се ангажирани и повеќе заработуваат од туризам, но тоа не е случај за другите кои нудат сместување во Струга.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести