Економија, финансии, бизнис

Контакт

Можат ли албанските партии „сложно“ да ја загрозат ДУИ - Груби чека честитки на 12 април

Можат ли албанските партии „сложно“ да ја загрозат ДУИ - Груби чека честитки на 12 април

Математики и калкулации меѓу партиите од албанскиот блок. Се крчкаат предизборни коалиции, но прашање е дали трите партии ќе успеат да се договорат за заеднички настап, и дали така можат да и зададат сериозен удар на досега неприкосновената и самоуверена владејачка партија ДУИ? Таа на изборите ќе оди сама и не очекува дека некој може да и го одземе приматот меѓу албанските гласачи.

Алијанса за Албанците на Зијадин Села не се откажува од идејата за трипартиска коалиција, во која покрај неа, би се приклучиле и движењето Беса на Билал Касами, како и Алтернатива на Африм Гаши. Дали има шанси таа идеја да стане реалност, би можело да се знае за неколку дена. Пратеникот Сурија Рушиди од Алијанса за Албнците изјави дека разговорите продолжуваат, а тој се надева дека ќе завршат успешно.

И раководството на Беса би се согласило со една ваква предизборна коалиција на трите партии. „Искрено веруваме дека може да се случи соработка меѓу овие три субјекти поради тоа што имаат заеднички интерес“, рече Фадил Зендели од движењето Беса.

Но, од Алтернатива не сакаат да коалицираат со Беса. Потенцираат дека преговори се водат само со Алијанса на Зејадин Села и во никој случај нема да седнат на заедничка маса со Беса. Сметаат дека нема потреба од проширување на коалицијата, затоа што и само Алтернатива и Алијанса биле доволни за позитивно да ја променат политичката слика кај албанскиот електорат и да ги донесат промените.

Ако оваа партија докрај остане на цврстиот став дека не би влегла во тројна коалиција, тогаш Алијанса за Албанците ќе мора да „пресече“, дали ќе коалицира со едните или со другите. 

А самоуверената ДУИ на избори ќе оди сама. За нив обидите за трипартиска коалиција се несигурност и немање храброст кај албанските опозициски партии да излезат сами против нив.

„Јас жалам што опозициските партии немаат ниту храброст ниту можност да се соочат со ДУИ, па бараат било каков начин само да ја урнат ДУИ, и тоа е единствената цел во нивната програма. Јас им посакувам многу среќа и ги чекаме на 12 април да ни честитаат победа“, изјави пратеникот Артан Груби од ДУИ.

Сама на избори ќе истрча и ДПА. Лидерот на таа партија, Мендух Тачи, пред неколку дена изјави дека е „за“ предизборна коалиција со СДСМ, но постави и услов - тој да биде единствениот вицепремиер, а ДУИ да не биде дел од Владата. 

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести