Економија, финансии, бизнис

Контакт

Молк во Министерството за транспорт и врски по продажбата на земјиштето карши Веро

Молк во Министерството за транспорт и врски по продажбата на земјиштето карши Веро
Министерството за транспорт и врски се уште молчи за продажбата на атрактивната локација спроти Веро центар во Скопје, по багателна цена од 71 денар за метар квадратен. И по реакциите во јавноста, министерот Миле Јанакиески не излегол со објаснување зошто за толку привлечна парцела била дадена најниска почетна цена од едно евро за квадрат, а притоа на јавното наддавање се јавил само еден понудувач. По продажбата на земјиштето спроти Веро Центар, на зелената површина до Народна Банка, реагираше единствено првиот човек на општината Андреј Жерновски. Според него, тоа е резултат на самоволието на владејачката партија. „Почетна цена едно евро за една од најубавите парцели во општина Центар.Со едно наддавање земјиштето беше продадено за 71 денар и толку дал е ден и ја добил парцелата. Можете да замислите во некој друг град да се добие парцела за едно евро. Тоа се случува во Македонија. Се уште може да го прави Владата, зошто сега во советот сме изедначени по апсењето на Шиповиќ, и поради тоа што советниците на ВМРО-ДПМНЕ не го поддржаа предлогот општината да располага со земјиштето“, рече Жерновски. Само 3.296 евра за 2.855 метри квадратни атрактивно земјиште во близина на Веро центар. Ова е цената што се постигна на јавната лицитација по електронски пат што ја организираше Министерството за транспорт и врски. Земјиштето го купи единствениот понудувач – Друштвото за трговија промет и услуги „Амадеус Стоун ДООЕЛ“ од Скопје. На локацијата, на површина од 1.775 метри квадратни, треба да изгради хотел на седум ката со приземје, поткровје и подземен паркинг, а условот е фасадното решение на објектот да биде во барок стил. Министерството за транспорт и врски го понуди земјиштето на лицитација по почетна цена од 61 денар за метар квадратен, а фирмата единствен понудувач наддала 10 денари и го купила земјиштето за 71 денар за квадратен метар. Купувачот е должен во рок од 15 дена од денот на завршување на постапката за јавно наддавање да ги уплати средствата, а доколку не го направи тоа ќе се смета дека градежното земјиште не е отуѓено.
Слично

Поврзани вести