Могерини: Забрзајте ги реформите на Западен Балкан
Шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини ги повика сите партнери на Западен Балкан да ги забрзаат клучните реформи и да направат конкретни чекори на патот кон евроинтеграциите.
Во соопштението на Европската служба за надворешни работи, издадена после состанокот на Могерини со премиерите на западнобалканската шесторка во Брисел се наведува дека наредната година ќе донесе единствена шанса за регионот да направи неповратни чекори во цел на евроинтеграциите.
„Како што е јасно потврдено оваа година, вклучувајќи во Европскиот совет во март и во говорот на претседателот Јункер за состојбата на Унијата од септември, 2018 година ќе донесе единствена шанса за регионот да направи неповратни чекори во цел на евроинтеграциите, ставајќи ги приоритет неопходните реформи, посебно оние во областа на владењето на правото, правосудството и основните права“, стои во соопштението.
Се додава дека сите шест премиери од регионот потврдиле целосна посветеност на евроинтеграцискиот процес.
Со обновена динамика во политиката на проширување на ЕУ и шанса да се направи важен исчекор во регионот, високата претставничка ја нагласила потреба партнерите од Западен Балкан да ги забрзаат клучните реформи и да им испорачаат на граѓаните од регионот она што го очекуваат во вид на конкретни чекори кон ЕУ интеграциите - се наведува во документот на Европската служба за надворешни работи.
Во текстот се истакнува дека учесниците на состанокот ја нагласиле својата длабока одлучност и интерес за јакнење на соработката, добрососедски односи и промоција на регионално разбирање.
