МОГЕРИНИ СО ОПТИМИСТИЧНА ПОРАКА: Ако Македонија ги спроведе реформите, ЕУ е подготвена да возврати
Оптимизам и убави вести испрати високата претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини по средбата со премиерот Заев во Брисел.
Могерини, изразила цврста поддршка на реформските напори на новата Влада и најави дека Македонија има силен сојузник во ЕУ при спроведувањето на реформите.
Пораката од високата претставничка од ЕУ, Могерини е дека ако реформите бидат спроведени, Европската унија е подготвена да возврати.
Премиерот Заев, пак, нагласи дека првата официјална дипломатска посета што се реализира во Брисел, заедно со министрите задолжени за реализација на надворешно - политичките приоритети на Македонија, ја покажува одлучноста на Владата на Република Македонија за забрзување на евроинтегративниот процес.
„Во интерес на граѓаните на Македонија е иницијативата за нова динамика во евроинтегративниот процес. Нашата цел е до есен да обезбедиме доволен прогрес во клучните реформски области, со што ќе дадеме доволно аргументи на Европската комисија да презентира нов извештај пред земјите членки, со обновена препорака за отпочнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ“ рече премиерот Заев.
Новата влада е во првата официјална посета на Брисел.
