МОДЕРНИОТ КОРИСНИК САКА ДА ИМА ДИГИТАЛЕН ПРИСТАП ДО УСЛУГИТЕ - Александар Манев од Кроација Осигурување во интервју за Фактор
Како што поминуваат годините, станува јасно дека дигитализацијата е трендот кој го следат сите поголеми гранки и индустрии, а ништо поинаку не е ниту во осигурителниот бизнис. Модерниот корисник сака да има дигитален пристап до услугите кои му се потребни и ги преферира давателите на услуги кои му го овозможуваат тоа. Па така, модернизацијата на технолошкиот дел од бизнисот не е само инструмент за побрза и полесна работа, туку и економски логична одлука која може да придонесе со поголеми приходи, вели првиот човек на Кроација осигурување, Александар Манев, во интервју за Фактор.
Тој нагласува дека безбедноста и понатаму е приоритет кај корисниците, па се смислуваат нови начини и алатки преку кои се обезбедува побезбеден тек на услугите. Што се однесува до трендовите кои ги засегаат корисничките навики, се забележува раст кај свесноста на корисниците за еколошките и социјално одговорните елементи кај давателот на услуги, па компаниите соодветно се адаптираат на тоа и прифаќаат некои нови норми, принципи и начини на работење. Покрај логистичкото олеснување на пристап до нашите услуги, ние постојано се обидуваме и да го подобриме, надградиме и осовремениме корисничкото искуство, така што ги следиме трендовите и ги имплементираме во Кроација Осигурување на начин кој сметаме дека ќе овозможи најголема корист за нашите корисници.
