МОБИЛНИТЕ ТЕЛЕФОНИ СЕ ПОЧЕСТО ГИ ЗАМЕНУВААТ ПАРИЧНИЦИТЕ - нов раст кај дигиталните плаќања
Граѓаните се повеќе ги користат бенефитите на дигитализацијата, и мобилниот телефон сè почесто ја презема улогата на паричникот. Се повеќе граѓани плаќаат преку мобилни апликации, па електронските плаќања бележат двоцифрен раст и по бројот на трансакции и по нивната вредност, покажуваат најновите податоци на Народната банка.
Имено, во првиот квартал од 2026 година, плаќањата со платни налози на граѓаните бележат раст од 10,3 отсто кај бројот и 14,6 проценти кај вредноста на извршените платежни трансакции.
Воо соопштението испратено до медиумите, НБРСМ посочува дека значителен е и растот на електронските плаќања, и тоа за 21,9 отсто кај трансакциите и за 23 проценти кај вредноста, во споредба со истиот период од 2025 година.
- Најголемиот број од платежните трансакции иницирани по електронски пат во анализираниот период се извршени преку мобилни апликации (72,8 отсто), при евидентиран годишен раст од 25,9 проценти, што потврдува дека употребата на мобилниот телефон преовладува, како најбрз и наједноставен начин на плаќање - нагласуваат од НБРСМ.

Воедно во нивниот извештај е посочено дека има позитивни движења и кај плаќањата со платежни картички.
- Бројот на плаќањата со картички е поголем за 12,2 отсто, а нивната вредност за 14,5 проценти. Растот кај бројот на плаќањата произлегува пред сѐ од платежните трансакции направени преку интернет (18,7%), како и од плаќањата на физичките места на продажба (11,7%).

Растот на дигиталните плаќања се должи и на воведувањето нови платежни решенија од страна на банките, со кои на граѓаните им се овозможува поедноставно и побрзо плаќање преку мобилни уреди, без употреба на физичка платежна картичка.
Дигитализираните картички учествуваат со 17,9 отсто во вкупниот број издадени платежни картички во земјата, а преку секоја дигитализирана картичка се извршени, во просек, 4 трансакции со мобилен телефон во земјава, што укажува на постојано зголемување на користењето на мобилните плаќања и промена на навиките на граѓаните во полза на користењето на придобивките од дигитализацијата - нагалсуваат од НБРСМ.
Наведените податоци потврдуваат дека дигитализацијата на платежните услуги напредува, при што електронските плаќања и платежните картички имаат сè позначајна улога во секојдневните финансиски активности на граѓаните.
