МНР по нотата од Бугарија: Член на семејството на Скочивирчето ја променил надгробната плоча
Член на семејството на Скочивирчето сам ја променил надгробната плоча за која Бугарија врачи протестна нота, соопштија од Министерството за надворешни работи.
МНР апелира на вакви приватни и лични акти да не се ставаат во политички и идеолошки контекст. Покрај тоа што истрагата утврдила дека замената на плочата ја направил член на семејството на војводата Скочивирчето, констатирано е и дека надгробната плоча не потпаѓа на ниту еден статус на заштитено културно обележје или природна реткост, туку се работи за приватен гроб и надгробна плоча.
Член на семејството на војводата Велко Скочивирчето, во договор со црковниот одбор на црквата „Архангел Михаил“ во прилепското село Клепач на своја иницијатива и ангажман ја извршил замената на надгробната плоча, при што самоволно одлучил да ја смени содржината и јазикот.За овој случај имаше протестна нота од Бугарија. Но, и претходно Бугарија упатуваше протестни ноти за сквернавење на споменикот Солза на роза во Охрид, и за отстранување на бугарското знаме пред Конзулатот во Битола.
