МНР ОЧЕКУВА ИЗВИНУВАЊЕ ОД СОФИЈА: Недоличниот речник претставува директна повреда на основните принципи на меѓународното право
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија(МНР), најостро ги осудува навредливите изјави на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев упатени кон премиерот Христијан Мицкоски и институциите на Македонија.
Министерството денеска го повика на разговор амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, Жељаско Радуков, на кого му беше пренесен официјалниот протест и му беше укажано на несоодветноста на ваквиот јавен дискурс од страна на висок функционер на бугарската влада.
„Таквите изјави, во кои се користи недоличен речник и се омаловажуваат претставници на суверена држава, претставуваат директна повреда на основните принципи на меѓународното право и дипломатската комуникација. Тие не придонесуваат за унапредување на добрососедските односи и се во спротивност со духот на конструктивен дијалог и заемно почитување што треба да ја води соработката меѓу двете земји“, велат од МНР.
Од МНР велат дека очекуваат од официјална Софија да упати соодветно извинување.
Инаку, бугарскиот министер го нарече Мицкоски „северномакедонски“ премиер.
