МНР: Груба лага е дека Димитров знаел за рекетот на Боки 13
Како груба лага го оценува министерот за надворешни работи Никола Димитров сведочењето на бизнисменот Зоран Митровски, почесниот конзул на Латвија во земјава кој денеска во судница тврдеше дека Димитров знаел за рекетот што го прави Бојан Јовановски и дека тоа му го кажал лично поранешниот нерезидентен амбасадор на Латвија во земјава Албертс Сарканис.
Од Министерството за надворешни работи велат дека со Сарканис, Димитров имал, како што велат, многу кус, сосем неформален разговор за време на дипломатски коктел. Настанот се случил на 18 октомври 2018 година кога Рекет не беше актуелен и краткиот разговор бил на стоење без закажување, со четириесетина луѓе наоколу.
„Амбасадорот, за време на тој неформален разговор точно е дека го спомнал почесниот конзул на Латвија, бизнисменот Зоран Митровски, ама само за да се пожали дека тој во медиумите бил спомнуван како осомничен во отворена истрага. Темата „Рекет" никогаш не е спомната.МНР Димитров сметајќи дека евентуални коментари во таа насока би биле злоупотреба на дипломатскиот и конзуларен статус, само го информирал амбасадорот дека во нашата држава медиумите се слободни и дека Владата не може да влијае во работата на медиумите, ниту за почесни конзули, ниту за министри и така завршува разговорот, стои во реакцијата.
Се тврди дека подоцна, според протокол, Кабинетот на министерот побарал средба со почесниот конзул за да се добијат дополнителни информации, но како штопотенцираат од кабинетот токму конзулот немал интерес за официјална средба и никогаш не дошол на состанок.
„Повикуваме веднаш да се престане со ширење на вакви лаги кои се во функција да му наштетат на угледот и интегритетот на МНР Никола Димитров, преку негово поврзување со афера со која што тој нема никаков допир, што се разбира може да е и нивна цел, а кои влијаат негативно и на државните интереси и истовремено го подриваат и самиот судски процес, се вели во соопштението.
