МНР ГО ОСУДИ ОВОЈ ЧИН: Отстрането e знамето на Бугарија од конзулатот во Битола
Отстрането e знамето на Бугарија од конзулатот во Битола, a Министерството за надворешни работи го осудува вандалскиот акт.
МНР најостро го осудува оштетувањето на јарболот и отстранувањето на знамето на Република Бугарија на Трговско-економското претставништво при Генералниот конзулат на Република Бугарија во Битола.
„Овој вандалски и неодговорен акт на некој поединец, чиј идентитет ќе биде предмет на разгледување од страна на надлежните органи, во никој случај не треба да се поистоветува со населението на овој традиционално конзулски и космополитски град“, велат од МНР.
МНР нагласува дека ваквите изолирани и неконтролирани однесувања не придонесуваат во напорите за продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете држави, како и заедничките напори за напредок во нашите заложби за понатамошна интеграција во Европската унија.
Откако Бугарија стави блокада на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, имаше изолирани инциденти. Во Охрид беше сквернавен споменикот Солза на роза, кој е поставен во чест на загинатите бугарски туристи во бродска несреќа во градот.