Бугарско МНР: Државата ќе ги поддржи бугарските клубови во РСМ
„Тие ќе имаат можност или да ги променат имињата или да си ги бараат правата преку суд. Бугарската држава ќе ги поддржи и во двата случаи“, велат денеска од бугарското министерство за надворешни работи за БГНЕС откако во македонското Собрание беа изгласани законските измени за здруженија и фондации.
Ова го изјави во одговор на прашање на БГНЕС, главниот експерт во Министерството за надворешни работи Жељазко Радуков на редовниот брифинг на ресорот.
„Дали Венецијанската комисија може да го запре спроведувањето на законот - практично не, затоа што - пред се, одлуките на Венецијанската комисија се советодавни, а не задолжителни. Второ, одговорна влада, кога оди да бара мислење од Венецијанската комисија, тоа го прави во моментот кога законот се уште е предлог закон, а не кога е веќе усвоен“, објасни тој.
„Во оваа смисла, ги сметаме за неодржливи сите уверувања што ги слушаме од Северна Македонија дека Венецијанската комисија ќе биде прашана за спроведувањето на овој закон“, рече Радуков.
Законските измени стапуваат на сила од 16 ноември, а на бугарските клубови „Иван Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ ќе им се остави простор да ги променат имињата.