МНР: Димитров утре во Брисел ќе одржи говор
Министерството за надворешни работи потврди дека шефот на македонската дипломатија Никола Димитров утре во Брисел ќе присуствува на потпишувањето на Протоколот за преим на Македонија во НАТО, а ќе одржи и говор по тој повод.
Земјите-членки на Алијансата исто така ќе го потпишат протоколот за пристапување, претставувани од нивните амбасадори во НАТО. По овој акт Македонија ќе учествува на сите состаноци на НАТО, во својство на поканета земја.
„На состанокот, на кој е предвидено и обраќање на министерот Димитров, 29-те земји членки, претставени од нивните овластени постојани претставници во НАТО, ќе го потпишат протоколот за пристапување на Република Македонија во НАТО“, гласи соопштението на МНР.
Состанокот на Северно-атлантскиот совет по повод потпишувањето на пристапниот протокол за членство на Република Македонија во седиштето на НАТО во Брисел се очекува да го води генералниот секретар Јенс Столтенберг.
- Со овој чекор ќе се заокружи еден значаен дел од пристапниот процес, по што следува процес на ратификација на пристапниот протокол во националните парламенти на земјите членки на НАТО, додаваат од МНР.
