Економија, финансии, бизнис

Контакт

МНР БАРА СОВЕТНИЦИ И НАЧАЛНИЦИ – им требаат високообразовани кадри, ама за ниски плати

МНР БАРА СОВЕТНИЦИ И НАЧАЛНИЦИ – им требаат високообразовани кадри, ама за ниски плати

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија бара седум кандидати кои би работеле во оваа институција. Огласите објавени на Агенцијата за администрација откриваат дека МНР сака да пополни три советнички места, и четири началнички позиции. Сепак, платите кои оваа институција ги нуди не делуваат примамливо, особено ако се има предвид дека овие лица ќе треба да имаат високо образование и солидни познавања од странски јазици.

Деталите од огласите откриваат дека МНР бара еден соработник за административни работи за одделението за Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија. Потоа соработник за заедничка надворешна безбедносна политика (ЗНБП), како и соработник за политичко безбедносна соработка на НАТО со други меѓународни организации и земји партнери.

Лицата кои се заинтересирани треба да се државјани на Македонија, да го користат македонскиот јазик, секако да се полнолетни, и без пресуда за забрана за дејност. Воедно треба да имаат високо образвоание од областа на политичките, правните или економските науки, но не се бара работно искуство во струката. Сепак, ќе биде неопходно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење, како и на еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија (англиски, француски, германски) и меѓународно признат сертификат.

Кандидатите не треба да се членови на органи на политичка партија на републичко ниво, и како доказ треба да приложат изјава заверена на нотар.

Платата за овие позиции достигнува само 32.049 денари, а кандидатите имаат можност до 9 декември да аплицираат за некој од нив.

Со вториот оглас, МНР бара четири лица кои ќе бидат началници на различни одделенија. Едната објава е за Началник на одделение за Република Албанија, Република Србија и Косово, Сектор за билатерални односи со државите од непосредното соседство. Потоа Началник на одделение за правни работи, Началник на одделение за соработка во културата и Началник за одделение за дигитализација.

Условите за пријавување се слични, државјани на Македонија, активно користење на македонскиот јазик, полнолетни, без забрана за вршење професија. Исто така мора да имаат високо образование од областа на правните или политичките науки.

Се бара искуство од четири години во струката, или најмалку една година во јавен сектор. Како и претходните позиции, мора да имаат активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење, но и потврда за положен испит за административно управување, како и познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија (англиски, француски, германски) и меѓународно признат сертификат. Не смеат да се членови на политичка партија на републичко ниво, што се докажува со доставување на изјава заверена на нотар.

За овие позиции плата достигнува до 40.834 денари.

Заинтересираните треба да знаат дека според Законот за надворешни работи, лице кое за првпат се вработува како дипломат и нема претходно работно искуство се вработува како приправник. Приправничкиот стаж за дипломатите трае една година. За време на приправничкиот стаж на приправникот му се исплатува 80 отсто од компонентата на платата за работното место. Доколку приправникот не го положи приправничкиот испит му престанува работниот однос во Министерството. Исто така, постапката за издавање безбедносен сертификат ќе се отпочне за кандидатот кој е избран на огласот, но доколку безбедносниот сертификат не му биде издаден, му престанува работниот однос.

П.О.

Слично

Поврзани вести