Мнозинството пратеници гласаа за Законот за јазици-на ред е Комисијата за европски прашања
Комисијата за европски прашања е следната која ќе треба да расправа за Законот за јазици откако денеска Собранието го усвои заклучокот .
66 гласа „за“ и 41 „против“ одлучија за усвојување на овој заклучок.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, пред гласањето истакна дека неговата партија ќе гласа против бидејќи сметаат дека законот е противуставен и е дискриминаторски кон македонскиот јазик и останатите јазици кои ги говорат граѓаните во Македонија.
Расправа во Комисијата за европски прашања следува бидејќи законот има европско знаменце а таа може да трае три дена.
Потоа законот во второ читање ќе оди повторно на пленарна седница на дебата по што ќе следува финално изјаснување на пратениците по текстот.
Инаку, според предлогот, законот предвидува, покрај македонскиот јазик, кој е службен на целата територија на државата, службен е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните. Во сите органи на државната власт – централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи, организации, комисии, службен јазик, покрај македонскиот, ќе биде и албанскиот. Истото важи и за единиците на локалната самоуправа.
