Мнозинството без опозиција го изгласа буџетот за 2018 година
Парламентарното мнозинство уште во првата предвидена пленарна седница успеа без никакви пречки да го изгласа конечниот предлог Буџет за 2018 година. На расправата и гласањето не присуствуваше опозицијата, па така нема да има ни потреба од вкупно 5 дена дебата како што е предвидено со законот.
„Вкупните потреби за финансирање во 2018 година изнесуваат 40,9 милијарди денари. Овие потреби за финансирање ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност. Задолжувањето во странство може да се реализира преку издавање на еврообврзница или повлекување средства од поволни странски кредити“, вели Драган Тевдовски - министер за финансии
Пратениците жалеа, што во собраниската сала недостига дебата, ниту придонес од опозицијата со свои критики и забелешки.
„Ова е трет пат буџетот како најважен финансиски документ на една држава, односно најважен инструмент на јавното финансирање да се носи без опозиција“, вели Томислав Тунтев - пратеник СДСМ
Со буџетот за 2018 година се обезбедува зголемување на платите за вработените во Армијата, образованието и здравството, а се зголемуваат и капиталните инвестиции. Еден од главните проекти за идната година ќе биде гасификацијата на Македонија.
