Многу противречности и различни приказни на денешното рочиште за случајот со смртта на малиот Алмир
На денешното судско рочиште за случајот „Алмир“ исказ даде Бојан Илиќ, брат на осомничениот за смртта на 4-годишното момче од Куманово. На прашањата на одбраната, одговори дека ги нападнале неколку лица и од улицата избегале налево. Откако удриле во семејството Алиу, според него, Седат, таткото на Алмир, ја отворил вратата и за рака го повлекол надвор. Бојан вели дека употребил сила во самоодбрана и дека металната шипка му ја земал на еден од напаѓачите. По сведочењето, Бојан замина од судот и не сакаше да даде изјава за медиумите. Адвокатот Асмир Алиспахиќ, тврди дека одговорите на Бојан биле противречни, пишува ТВ21.
Различен исказ даде третото лице кое се наоѓало во возилото со браќата Илиќ. Тања Димковска вели дека вратата на автомобилот се затвора автоматски одвнатре кога возилото тргнува и дека не може да се отвори однадвор. Девојката на Бојан, вели дека од Здравствениот дом свртеле надесно. Според нејзините зборови, Бојан излегол од автомобилот за да го обрани неговиот брат, од луѓе кои го нападнале, откако го прегазиле малиот Алмир. Вели дека во автомобилот немало никакво ладно оружје.
Адвокатот на семејството Илиќ, не рече ништо на рочиштето, а одби да говори и пред камера.
Адвокатите на семејството Алиу од судот побараа објаснување дали видео-материјалот, кој е главен доказ за случајот и кој кружи на социјалните мрежи, излегол од рацете на Обвинителството или полицијата. Судијката Маја Денковска, рече дека издала наредба ЦД-то да не се копира. Обвинителката Кусигерска пак, рече дека истражна постапка покренале пред две години, за објавување на инсертот на кој се гледа како Алмир бил прегазен со автомобил, а пак за целосното видео кое го објави Бојан Илиќ, рече дека не покренала истрага и дека воопшто нема сознанија за него.
Одбраната побара објаснување – како возилото од типот „мерцедес“, со кое е извршено кривичното дело и кое служи како материјален доказ, може да се поправи и да се огласи за продажба? Бојан покажа документ кој го добил од СВР Куманово, со кој му се дозволува да го користи возилото, а воедно додаде и дека мерцедесот веќе бил тргнат од оглас. Следното рочиште е закажано за 15 март, а Бобан Илиќ со лисици и придружуван од специјалните полициски единици е вратен во ќелија, каде што се наоѓа во притвор уште од денот на немилиот настан.
