Економија, финансии, бизнис

Контакт

ММФ ВО МАКЕДОНИЈА: Под лупа кондицијата на земјата за отплата на надворешните долгови!

ММФ ВО МАКЕДОНИЈА: Под лупа кондицијата на земјата за отплата на надворешните долгови!
Од денеска па се до 5 ти ноември во земјава престојува тим на Меѓународниот Монетарен Фонд (ММФ), предводен од директорката на ММФ за Македонија, Иванна Владкова Холар. Се работи за контролна посета, која е дел од процесот на Пост-програм мониторинг (ППМ),  наменет за земји членки коишто имаат значителна преостаната обврска кон Фондот по истекот на нивните аранжмани. Што ќе контролира ММФ? Тим на Меѓународниот Монетарен Фонд, директно од Вашингтон, од денеска е во земјава. Мисијата предводена од директорката на ММФ за Македонија, Иванна Владкова Холар десет дена преку директни разговори со претставници на надлежните институции ќе собира информации поврзани со економските парамери за кондицијата на земјата навремено да ги сервисира своите обврски кон странство. Се работи за контролна мисија која е дел од процесот на Пост-програм мониторингот или ППМ, по што монетраците ќе треба да изготват нов Извештај.
“Ќе има разговори во поглед на Пост-програм мониторинг (ППМ) на македонската економија, со цел изготвување на извештај што ќе биде поднесен до Бордот на директори на ММФ. Процесот на Пост-програм мониторинг (ППМ) е наменет за земји членки коишто имаат значителна преостаната обврска кон Фондот по истекот на нивните аранжмани. Подолу може да го најдете линкот за препораката на Бордот на директори на ММФ за започнување на ППМ со Поранешна Југословенска Република Македонија“, соопшија од ММФ.
Ова ќе биде втора проверка на земјава од страна на тим на ММФ. Првата беше во мај, по што директорскиот Борд на ММФ објави Извештај во кој посочија дека годинава очекуваат економијата да испорача раст од 3,5 проценти, но укажуваа и дека е потребно одржување на ниво на буџетски дефицит што нема да води кон натамошно зголемување на јавните долгови. ММФ порача дека Фискалната стратегија треба да биде проследена и со Стратегија за управување со јавниот долг. Во делот на буџетскиот дефицит, по мајската мисија, монетраците оценија:
“На краток рок, фискалната политика треба да биде насочена кон исполнување на проекцијата за буџетскиот дефицит од 3,5 отсто од БДП. Ќе биде важно да се одржи  фискалниот дефицит за да се задржи долгот на Централната влада на одржливо ниво. Реализацијата на приходите во првиот квартал укажуваат на некои ризици за оставрување на годишните цели. Доколку се случи отсуство на  забрзување на приходите, за оставрување на таргетираниот дефицит може ќе биде потребна компресија на трошоците“, пишува во завршната оценка на ММФ.
Во делот на Јавниот долг, од ММФ побараа и усвојување на Стратегија за управување со јавниот долг.
“Среднорочна фискална стратегија треба да биде придружена со Стратегија за управување со долгот која ќе воспостави рамнотежа помеѓу надворешното и внатрешното финансирање и целокупната макроекономска стабилност. Конкретно, тоа би требало да значи интегрирање на два политички приоритети за да се обезбеди  соодветно финансирање на домашниот приватен сектор и акумулирање на  девизните резерви. Ова е сè повеќе важно и за платниот биланс.  Конечно, имајќи го во предвид целиот јавен сектор, двете стратегии ќе помогнат да се нагласи конзистентноста на фискалната политика од аспект на нејзината  внатрешна и надворешна стабилност.“
Мисијата на ММФ доѓа во земјава во услови кога методологијата за дефинирање на вкупниот Јавен Долг е променета, односно се вклучија и долговите на општините и на Јавните Претпријатија, на што инсистираа меѓународните финансиски институции, но се исклучија долговите на НБРМ и дел од долговите на Македонската банка за поддршка на развојот. По завршување на оваа нова десетдневна мисија се очекува нова оценка за кондицијата на економијата навремено да ги сервисира долговите кон странство. Одлуката за заислен мониторинг врз Македонија беше донесена на почетокот од 2013-та година, во состојба кога истече двегодишниот аранжман од Кредитната линија за претпазливост од 220 милиони евра, а земјата остана корисник на кредитните линии од ММФ.
“Главната цел на програмата е да обезбеди поблизок мониторинг на политиките на сите земји членки коишто имаат значителна преостаната финансиска обврска кон Фондот по истекот на нивните аранжмани. Ова значи дека земјите членки имаат поредовни официјални консултации со Фондот отколку што е тоа случај кога има надгледување, со особено фокусирање на макроекономските и структурни политики коишто се релевантни за надворешната одржливост“, информираа тогаш од седиштето на  ММФ.

Тимот на ММФ се очекува да оствари средби со претставници на надлежните институции, но не се исклучени и средби со експерти и бизнисмени.

Слично

Поврзани вести