МЛАДИ ИНОВАТОРИ - на Пендаровски му го покажаа својот изум за почист воздух
Ќе помогнат ли младите иноватори барем малку да се намали големата загаденост на воздухот во земјава.
Денеска тие на средба со претседателот Стево Пендаровски, му го покажале својот изум - филтер за оџак за домаќинства, што не дозволува штетните ПМ10 честички да завршат во воздухот.
Од Кабинетот на шефот на државата јавија дека во МладиХаб - Канцеларија на претседателот, тој остварил средба со ученици-иноватори од средното училиште „Јосип Броз–Тито“ од Скопје, кои го креирале овој пронајдок.

„Станува збор за помала верзија на филтрите што се вградуваат во фабриките, што би имала примена во домаќинствата кои користат цврсти горива и ослободуваат чад. Проценката на младите иноватори е дека со неговата примена ќе се спречи ослободувањето на штетни честички во воздухот и значително би се подобрил неговиот квалитет“, соопштуваат од кабинетот.
Учениците, во соработка со приватна компанија, веќе работат на подобрување на нивниот прототип и се разгледуваат можностите за негово производство и поширока примена.
Како наближува зимскиот период и ниските температури, поголем број градови во земјава се соочуваат со голема загаденост. Во петокот Куманово, а во саботата главниот град Скопје беа меѓу првите 10 на листата на најзагадените градови во светот.
