Млад возач по полноќ усмрти велосипедист на булевар „Киро Глигоров“ во Скопје
МВР претпладнево соопшти дека лишен од слобода е 26– годишен возач од Скопје кој по полноќ усмртил велосипедист на булеварот Киро Глигоров кој ги поврзува општините Гази Баба и Аеродром.
Инцидентот се случил веднаш по полноќ, а велосипедистот починал од ударот на самото место на несреќата.
„Денеска (05.03.2025) во 00.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Киро Глигоров“ во Скопје, патничко возило „мицубиши аутлендер“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.В.(26) од Скопје, удрило во велосипед, управуван од Б.К.(78) од Скопје. Од здобиените повреди, на местото на настанот починал велосипедистот Б.К., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт. Увид извршиле увидна екипа од СВР Скопје и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција, а возачот К.В. бил лишен од слобода“, информира полицијата.
Тој бил приведен во Полициската станица Кисела Вода за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Слично
