МКЦ ќе организира групно следење на „Оскар“ по успехот на „Медена земја“
Младинскиот културен центар во Скопје најави групно следење во живо на доделувањето на „оскарите“ по успехот на македонскиот документарен филм „Медена земја“.
Американската филмска академија го номинираше македонскиот филм „Медена земја“ за Оскар во две категории Најдобар документарец и Најдобар странски филм. Доделувањето на престижната награда ќе се одржи на 9 февруари во Лос Анџелес.
Настанот е закажан на 9 февруари, со почеток од 23 часот, во киното „Фросина“, каде ќе се одржи пренос во живо од 92. доделување на престижните филмски награди во театарот „Долби“ во Холивуд.
„Оскари во МКЦ (следење во живо) е настанот кој го организира Младинскиот културен центар (МКЦ) откако македонскиот филм „Медена земја“ успеа да добие две номинации за претстојните „Оскари“ – за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм. „Закажуваме пренос во живо на ‘Оскарите’! 9 февруари во киното ‘Фросина’. Повеќе инфо набргу…“, најавува МКЦ.
