Мизрахи: Културните клубови „Иван Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ се можеби негирање на Холокаустот
Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, вели дека отворањето на културните клубови „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид значат и негирање на Холокаустот и, како пто вели таа, Меморијалниот центар на Евреите во Скопје.
- Повеќе од дегутантно е што „културен центар” со такво контроверзно име и воопшто се отвори во Битола. Настрана фактот што до ден-денес не е јасно кој и како дал одобрение за отворање на центарот. Дополнително на ова се појави и уште еден со името на монархофашист и нацист во Охрид – „културен центар” Цар Борис Трети. Во држава во која еден од темелите е антифашистичката борба на нејзиниот народ ваквите настани не се ништо освен чиста провокација и сериозна навреда. Овие провокации и обиди за извитоперувања на историските факти не претставуваат само ризик за националната историја на Македонија и нејзината Народноослободителна борба, туку се и показател дека може да има обид за негирање на холокаустот на Македонските Евреи, а постоењето на Меморијалниот центар во Скопје би се ставил под знак прашалник како непријателска пропаганда кон нашиот сосед.
Јас како пратеничка, но и како човек, секогаш ќе се залагам и борам против симболи и потсетници на фашизмот, без разлика на тоа каде се лоцирани и од кого. Логично е сите да го делат мојот став и мислење, и да стојат цврсто против оживување на фашизмот и злото кој истиот го претставува, вели пратеничката.
Мизрахи ова го вели како изјава на едно од прашањата во интервјуто за весникот Вечер и „Вечер.пресс“ за тоа „дали ако се утврди дека куќата во која е сместен бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ некогаш му припаѓала на еврејско семејство, како пратеничка со еврејско потекло лично ќе се заложите за негово дислоцирање?“
