Мизрахи изјави дека е горда Еврејка од Македонија
Техничкиот премиер Оливер Спасовски рече дека се одлучил да побара разрешување на министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи затоа што како што вели грубо го прекршила Уставот. Според него, таа ја злоупотребила функцијата во партиски цели.
„Штетите од овие постапки се закануваат да бидат огромни по граѓаните, по иднината на државата“, изјави Спасовски.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски изјави дека премиерот Оливер Спасовски го прекршил Преспанскиот договор, но во полза на Грција. За таблата во МТСП пред која Рашела Мизрахи држеше прес-конференција наведе дека има рокови во Договорот од Преспа, дека откако ќе се отвораат поглавијата тогаш ќе се имплементира договореното.
Мизрахи се заблагодари на довербата да биде министер во техничката Влада. Се пожали дека била жртва на хајка, затоа што е Еврејка. Taa рече дека оваа влада, барајќи иднина, заборавила на историја. На крајот Мизрахи изјави дека е горда Еврејка од Македонија.
Илија Димовски по излагањето порача дека Мизрахи е пример за многу Македонци, за тоа што значи патриотизам.
