МИТРЕСКИ ГИ РАСПИША ИЗБОРИТЕ: „Убеден сум дека граѓаните ќе го направат вистинскиот избор“
Претседателот на
Собранието, Јован Митрески, точно во 17.часот ги распиша претседателските и парламентарните избори.
-Во согласност со мојата уставна надлежност и уставно предвидените рокови ги потпишав решенијата за распишување на изборите за претседател на Република Северна Македонија и за пратеници во Собранието, истакна Митрески во изјавата.
Првиот круг од седмите претседателски ќе биде на 24. Април, а вториот круг ќе се поклопи со 11-тите по ред парламентарни избори кои ќе се одржат на 8. Мај.
-Верувам дека во предизборниот период сите надлежни институции но и сите инволвирани субјекти ќе дадат свој придонес да имаме фер и демократски изборен процес на ниво какво што заслужува една демократска држава, членка на НАТО, држава која го оди патот кон полноправно членство во Европската Унија. РСМ во последните изборни процеси покажа дека има капацитет да организира демократски избори во согласност со европски вредности. Како држава воспоставивме стандарди кои треба само да ги унапредуваме и надградуваме и во никој случај не смееме да се вратиме назад. Гласањето на избори, односно можноста грѓаните преку гласачкото ливче да го искажат сосптвениот став е врвен чин на демократијата, тоа е можност, гражаните со својот глас да ја определат сопствената иднина. Убеден сум дека и на овие избори граѓаните ќе го направат вистинскиот избор и ќе изберат иднина каква што посакуваме и каква што нашата држава заслужува, рече Митрески.
