Митко Јанчев: Би прифатил уставни измени, ми се допаѓа предлогот на Минов
Митко Јанчев, еден од тројцата потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за Дојче Веле вели дека би гласал за уставни измени и би го прифатил предлогот на Панчо Минов од ГРОМ за дополнителен услов името Македонија да остане за внатрешна употреба се до официјалното зачленување на земјата во ЕУ.
- Ми се допадна предлогот на пратеникот Панчо Минов. Во таа насока, и јас на пример, би поднел неколку амандмани со цел да се обезбедат дополнителни гаранции за нашата држава. Прво, новото име да не се применува за внатрешна употреба сѐ до приемот на Македонија во ЕУ. Второ, да се гарантира македонскиот јазик и идентитет. Трето, да се гарантира дека односот на државата кон дијспората навистина ќе се регулира според европски терк, вели градоначалникот на Кавадарци, кој важи за дел од прогресивното крило на ВМРО-ДПМНЕ.
Вели дека повикот за помирување на премиерот на Зоран Заев на првиот ден од собраниската седница за уставни измени го толкува како понуда за амнестија.
- Ајде да ги ослободиме луѓето, кои во таа еуфорија на 27-ми април, без намера или некаква организација, ненамерно направиле глупост. Таа работа треба да заврши во парламентот, со едногласно крената рака за амнестија на сите. Правната држава допрва треба да почнеме да ја градиме. Бидејќи, таа не важеше ни кога се кршеше - изјавува Јанчев.
Тој додава дека пратениците од опозицијата трпат притисоци во моментов од сите страни и тоа го загрозува нивниот автентичен став, а и самиот тој трпел закани откако рекол дека ќе гласа на референдумот.
